Ekip
02 Март 2019•Ажурирај: 03 Март 2019
ИСЛАМАБАД (АА) - Остри судири меѓу пакистанските и индиските сили беа забележани синоќа, откако Пакистан го предаде заробениот пилот како гест на добра волја чија цел беше смирување на напнатоста предизвикана минатиот месец, пренесува Anadolu Agency (AA).
Двајцата пакистански војници се убиени во размена на оган во Накијала во близина на контролната линија (LoC), на границата која ја дели спорната Кашмирска долина, објави ISPR, медиумското крило на војската на Пакистан.
„Во меѓувреме, двајца цивили се убиени, а уште двајца се ранети во индиско гранатирање на секторот Тата Пани и Најдрот, во близина на контролната линија. Индиските трупи отвораат оган долж контролната линија. Размената на оган е забележана во секторите Хотспринг, Тата Пани и Јандрот. Силите на пакистанската војска реагираа со гаѓање на индиските позициции“, наведе ISPR и додаде дека пакистанската авијација и морнарица се во приправност.
Новите судири избија меѓу двата соседи, кои поседуваат нуклеарно вооружување, откако Исламабад во петокот го предаде индискиот пилот кој беше притворен во Пакистан по соборувањето на неговиот авион во средата во граничното подрачје на спорниот регион Кашмир.
Во четврток пакистанскиот премиер Имран Кан најави ослободување на пилотот како гест за мир.
Тензиите меѓу Индија и Пакистан во Кашмир ескалираа на 14 февруари, кога во бомбашки напад на парамилитарен конвој беа убиени 44 и ранети 20 индиски војници. Индија за нападот го обвини Пакистан, а официјален Исламабад ги отфрли обвиненинјата и го осуди нападот. Индиските сили на 26 февруари извршија воздушни напади на кампот, кој се наоѓа на пакистанската страна на линијата на разграничување.
Тензиите ескалираа во средата кога пакистанската Војска сруши два авиона на индиската Војска кои го загрозија воздушниот простор на Пакистан. Од друга страна, три пакистански авиони влегле во воздушниот простор на Индија и предизвикале реакција кај индиските сили. Индиските медиуми тврдат дека Индија урнала еден пакистански борбен авион „Ф-16“.