Şenhan Bolelli
30 Март 2020•Ажурирај: 30 Март 2020
МАДРИД (АА) - Премиерот на Италија, Џузепе Конте, земја најпогодена од новиот вид коронавирус, Ковид-19, ја критикуваше Европската Унија (ЕУ), која сѐ уште не демонстрира економска солидарност, потребна за надминување на оваа криза, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Проблемот не е во тоа да се излезе од кризата, туку што е можно поскоро да се излезе од кризата“, рече Конте за шпанскиот весник „Ел Паис“ (El Pais).
Тој истакна дека ветото на Германија и Холандија за барањата за помош на јужните европски земји, особено на Италија и Шпанија, кои најмногу се погодени од Ковид-19, ја става во ризик иднината на Унијата.
„Во моментов, Европа игра историски натпревар“, рече Конте, и додаде:
„Доколку не успее во тоа... Видете, ние ги ограничуваме уставните права на нашите граѓани и Европа мора да реагира за да се спречат трагични грешки.“
- „Неопходно е да се одговори со унитарна реакција“ -
Конте истакна дека некои земји не се свесни за тоа што ќе донесат силните ограничувања во сферата на економијата.
Посочувајќи на Германија и Холандија, Конте нагласи:
„Овие земји на ситуацијата гледаат со стари умови. Тоа е несоодветна перспектива за тековната здравствена и економска криза. Како што рече и шпанскиот премиер Педро Санчез, ова е симетричен шок што ги погодува сите. Затоа, користејќи ги моќните инструменти, потребно е да се одговори со унитарна реакција.“
Наведувајќи дека Италија не бара помош од ЕУ за споделувањето на јавниот долг и дека јавниот долг ѝ припаѓа на земјата, Конте рече: „Ние само сакаме ЕУ да демонстрира унитарна реакција, што ќе ни овозможи да излеземе од ова економско и социјално цунами.“
Конте, посочувајќи дека од одлуката на ЕУ ќе зависи тоа дали граѓаните ќе имаат „поголема доверба“ или „ќе ја загубат целосната доверба“ во Унијата, рече: „Секој што ја чувствува Европа во срцето, треба да го поддржи ова.“
„Неизбежно е дека екстремно десничарските партии во Европа ќе станат многу посилни отколку што се сега, доколку ЕУ не успее успешно да излезе од оваа здравствена криза“, истакна Конте.