Ekipa
09 Ноември 2016•Ажурирај: 10 Ноември 2016
НИНЕВА (АА) - Ирачките антитерористички единици привремено ги прекинаа воените операции во источниот дел на Мосул, средиштето на терористичката организација ДЕАШ, но не се повлекоа од тоа подрачје, јавува Anadolu Agency (AA).
„Антитерористичките единици и понатаму се наоѓаат на подрачјето на Ал-Интисар и Ал-Самах ал-Тани, и во зградата на радиотелевизијата, во источниот дел на Мосул“, изјави за АА неименувано официјално лице на ирачката војска.
Тој истакна дека овој чекор е преземен поради дејствувањето на припадниците на ДЕАШ, кои ги користат цивилите како жив штит, а и понатаму копаат подземни тунели во градот. Тој исто така изрази незадоволство од воздушната поддршка на коалицијата на САД за ирачките сили во и околу Мосул.
Според изворот, ирачките антитерористички единици претрпеа значајни човечки и материјални загуби. Не наведувајќи го точниот број на жртвите, тој пренесе дека голем број припадници на ирачките сили загинале од заседа, во самоубиствените напади и уличните експлозии.
„ДЕАШ исто така претрпе големи човечки и материјални загуби, но тоа не влијаеше на нивниот морал бидејќи тие многу се потпираат на платениците“, изјави ирачкото официјално лице.
Ирачките сили минатиот месец започнаа голема операција за ослободување на Мосул од терористите на ДЕАШ, а поддршка на операцијата даваат и воздушните сили на меѓународната коалиција предводена од САД.