Adem Şalvarcıoğlu
02 Април 2018•Ажурирај: 03 Април 2018
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Во судирите што се случија во индиската држава Џаму и Кашмир меѓу бунтовниците што заговараат независност и припадниците на безбедносните сили, загинаа најмалку 20 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименувани полициски службеници соопштија дека припадниците на безбедносните сили организирале акција по дојавата дека вооружени милитанти се кријат во две села во окрузите Шопиан и Анантнаг.
Во судирите што се случија откако бунтовниците се обиделе да избегаат, беа повредени 70 лица. Меѓу загинатите се наоѓаат четворица цивили, тројца војници, а останатите настрадани се бунтовници.
За време на конфликтот, локалното население излезе на улиците за да протестира против индиските власти. Дојде до судир меѓу припадниците на безбедносните сили и луѓето што сакаа да се упатат кон подрачјето на судирите.
Се сомнева дека цивилите настрадале откако припадниците на безбедносните сили отвориле оган.
Кашмир е област околу која Индија и Пакистан имаат спор од 1947 година, кога овие две земји се стекнаа со независност од Велика Британија.
Индиско-пакистанските судири околу Кашмир се случија во три наврати. Индија го обвинува Пакистан за вооружување разни сепаратистички групи во Џаму и Кашмир.
Индија контролира околу 45 проценти од Кашмир, Пакистан околу 35 и Кина 20 проценти. Индискиот дел се вика Џаму и Кашмир. Делот од Кашмир кој е под контрола на Пакистан има статус на две автономни територии наречени Азад Кашмир („Слободен Кашмир“) и Гилгит-Балтистан.