Ekipa
11 Март 2019•Ажурирај: 12 Март 2019
СРИНАГАР (АА) - Индиската полиција денес соопшти дека клучниот организатор на самоубиствениот бомбашки напад, во кој загинаа најмалку 40 војници минатиот месец, е убиен во престрелка, јавува Anadolu Agency (AA).
Мудасир Ахмeд Кан е застрелан во подрачјето на Трал во јужниот дел на Кашмир, заедно со уште еден милитант.
„Досега спроведената истрага откри дека Мудасир бил еден од клучните заговорници на неодамнешниот напад на автопатот во Пулвама“, се вели во соопштението на полицијата на Џаму и Кашмир.
Во соопштението се додава дека двајцата милитанти биле поврзани со групата Џајш-е-Мохамед (ЈЕМ), група која ја презеде одговорноста за нападот.
Другиот убиен милитант е можно да е пакистански милитант по име Халид.
Индија го обвини Пакистан за пружање засолниште на групата Џајш-е-Мохамед (ЈЕМ), која во Пакистан е забранета од 2002 година.
Тензиите меѓу двајцата соседи се разгореа по нападот на 14 февруари, што кулминираше со тврдењата на двете страни дека меѓусебно собориле воени авиони.
Индиските безбедносни сили започнаа специјална операција против групата Џајш-е-Мохамед, во која, според полициските извори, убиени се најмалку 10 милитанти во последниот месец.
Кашмир е поделен на три дела, 45 % контролира Индија, 35 % Пакистан и 20 % Кина. Подрачјето што го држи Индија под своја контрола, го преименува во Џаму и Кашмир и го присоедини кон својата територија.
Џаму и Кашмир сѐ уште е единствена сојузна држава во Индија во која мнозинство се муслиманите. Територијата на Кашмир, која е под контрола на Пакистан, е поделена на два дела, со доделена автономија, кои се именувани како Азад Кашмир (Слободен Кашмир) и Гилгит-Балтистан.
Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), со одлуката донесена во 1948 година, одреди на подрачејто на Кашмир да нема војска и иднината да биде одредена со гласање. Додека Индија не гледаше позитивно на гласањето, Пакистан бараше спроведување на одлуката на СБОН.
Според неколку организации за човекови права, илјадници луѓе, наводно, се убиени во конфликтот во регионот од 1989 година.