свет

Илјадници Израелци на протести, бараат договор за размена на заложници

Израел проценува дека во Газа има повеќе од 125 заложници, додека во своите затвори држи најмалку 8.800 Палестинци

Rania R.a. Abushamala  | 17.03.2024 - Обновена : 19.03.2024
Илјадници Израелци на протести, бараат договор за размена на заложници

ЕРУСАЛИМ/КУДС (АА) - Илјадници Израелци синоќа одржаа протести низ Израел против актуелната влада предводена од Бенјамин Нетанјаху и побараа договор за размена на заложници со Хамас, пренесува Анадолу.

Семејствата на заложниците во Газа демонстрираа во близина на седиштето на Министерството за одбрана во Тел Авив, барајќи итен договор за ослободување на заложниците, јави државната Израелска радиодифузна корпорација.

Десетици Израелци блокираа дел од автопатот Ајалон во Тел Авив.

Илјадници Израелци се собраа на плоштадот Каплан во Тел Авив, барајќи предвремени избори и договор за размена на заложници, јави весникот „Једиот Ахронот“.

Според весникот, на раскрсницата Каркур во близина на градот Хаифа на север, на протест се собраа стотици Израелци со барање за ослободување на заложниците.

„Једиот Ахронот“, исто така, јави дека стотици демонстранти се собрале пред резиденцијата на Нетанјаху во градот Цезареја, држејќи транспаренти на кои пишува „Нетанјаху, ти си виновен“.

Се очекува темпото на протести низ Израел да се зголеми во наредните часови.

Семејствата на оние кои се држат во Појасот Газа речиси секојдневно протестираат барајќи договор што ќе доведе до ослободување на нивните роднини.

Катар и Египет, со помош на Соединетите Американски Држави, посредуваат меѓу Израел и Хамас за да се постигне нов договор за прекин на огнот во Газа и да се олесни размената на заробеници.

Израел проценува дека во Газа има повеќе од 125 заложници, додека во своите затвори држи најмалку 8.800 Палестинци, според официјални извори од двете страни.

Прекинот на огнот меѓу Хамас и Израел траеше една недела, од 24 ноември до 1 декември 2023 година, при што имаше прекин на непријателствата, размена на затвореници и беше дозволен влез на екстремно ограничена хуманитарна помош во Газа, со посредство на Катар, Египет и САД.

Израел започна смртоносна воена офанзива на Појасот Газа по прекуграничниот напад на 7 октомври предводен од палестинската група на отпорот Хамас, во кој загинаа 1.163 лица.

Во израелските напади врз Газа досега загинаа 31.500 Палестинци, претежно жени и деца, а 73.546 се повредени.

Израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, наметна целосна блокада на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена, според податоците на Обединетите нации.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да осигура неговите сили да не вршат акти на геноцид и да гарантира дека ќе се обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.​​​​​​​

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.