Hosni Nedim,Mahmut Geldi
02 Февруари 2024•Ажурирај: 05 Февруари 2024
ГАЗА (АА)
- Хусни НЕДИМ
Во северниот дел на Појасот Газа, каде што израелската Армија речиси 4 месеци го оневозможува влезот на хуманитарната помош, ситуацијата секојдневно е сѐ потешка. Животните почнаа да се хранат со други мртви животни, а сѐ почесто и со телата на убиените Палестинци кои не се погребани, јавува Анадолу.
Израел кој веќе 118 дена непрекинато го напаѓа Појасот Газа во кој живеат 2,3 милиони Палестинци, истовремено не дозволува влез на хуманитарната помош, како што се храна и медицински материјали во регионот којшто во потполност го блокираше.
Изгладнетите мачки и кучиња во градот Газа и во бегалскиот камп Џабалија во северниот дел, кои беа цел на големи разорувања во текот на израелските напади, почнаа да се хранат со сопствениот вид и со други суштества што настрадале бидејќи не успеале да пронајдат храна.
Во разговор со дописникот на АА, Палестинецот Самир Зејнедин, жител на бегалскиот камп Џабалија, истакна дека израелската практика на присилно изгладнување во голема мерка ги погодува животните. Тој наведе дека десетици мртви животни има на местото за смет, при што некои од нив почнале да се распаѓаат.
„Луѓето во бегалскиот камп Џабалија и во другите подрачја на северот, немаат доволно храна. Поради тоа, и животните што не можеле да се прехранат неколку недели, починаа од град“, рече Зејнедин.
- „Луѓето ќе умираат од глад“
Есма ал-Наџар, Палестинка која живее во градот Газа, покажа мачка која талкаше околу контејнер за смет во нејзина близина и рече дека животните, неспособни да пронајдат храна, се обидуваат да преживеат јадејќи други мртви мачки.
„Луѓето ќе умрат од глад, замислете само како им е на животните“, рече Наџар, истакнувајќи дека смртта од глад станала сѐ пораширена и меѓу животните.
Таа рече дека изгладнетите животни се насочуваат и кон телата на луѓето убиени во израелските напади, кои не се отстранети или погребани.
На социјалните мрежи неодамна беа споделени видеоснимки на коишто може да се забележи како изгладнети мачки и кучиња се хранат со телата на Палестинците кои се убиени од израелската војска која ја спречи итната помош да дојде во градот Хан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.
- Палестински ветеринар гради засолниште за заштита на животните
Од друга страна, палестинскиот ветеринар Аид Абу Наџим почна да гради засолниште за заштита на напуштените домашни миленичиња во градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа.
Зборувајќи дека голем број мачки умреле од последиците на израелските напади или од глад, Абу Наџим рече:
„Израелската војна против Газа како што убива луѓе, убива и животни. Животните, исто така, се погодени од оваа голема суровост.“
Тој истакна дека ќе се обиде да пронајде храна, колку и да биде скапа, за да ги спаси животните.
- „Израел ја користи гладта како оружје за да го принуди населението на Газа на миграција“
Рами Абду, претседател на Европско-медитеранската организација за човекови права (Euro-Med), пред неколку дена во изјава за Анадолу рече: „Израел ја користи гладта како оружје за да го принуди населението на Газа на миграција.“
Истакнувајќи дека луѓето во Појасот Газа имаат потешкотии во наоѓањето на основни прехранбени продукти, Абду наведе дека бројот на камиони со хуманитарна помош упатени кон Појасот Газа е намален од 500 на 100.
Нагласувајќи дека во регионот владее глад, Абду рече:
„Луѓето умираат од глад. Повеќе од 500.000 Палестинци во Газа страдаат од глад, а целокупното население се обидува да се спротивстави на студениот бран.“
Наведувајќи дека израелските војници пукале кон Палестинците кои се приближувале кон малиот број возила со хуманитарна помош упатени од југот на Газа кон северот, убивајќи притоа десетици луѓе, Абду додаде:
„Зборуваме за политика на присилно изгладнување, особено во северниот дел на Газа. Оние коишто најмногу се погодени од оваа ситуација се децата.“