Ahmed Asmar
13 Октомври 2023•Ажурирај: 13 Октомври 2023
КУДС (АА) - Израелските воени авиони во рамките на ноќните напади истовремено бомбардираа 12 згради во Газа во период од една минута ова утро, пренесува Анадолу.
Израелската војска соопшти дека десетици авиони ловци извршиле напади врз цели во Појасот Газа, вклучително и 12 повеќекатници што се бомбардирани во рок од една минута, тврдејќи дека зградите „содржат имот на Хамас“.
Израелската војска додаде дека во текот на ноќта извршила напади врз околу 750 цели што им припаѓаат на Хамас и на други палестински групи во Газа.
Власта во Газа во неколку објави потврди дека израелските напади имаат цел да се отстрани населението од станбените згради и населби.
Ситуацијата ескалираше кога Бригадата Изедин Касам, воено крило на Хамас, на 7 октомври ја започна сеопфатната операција „Поплава Ал Акса“ насочена кон Израел.
Израел возврати со масовни напади на Газа со борбени авиони.
Израелските медиуми објавија дека во ракетните напади врз Израел досега загинале 1.300, а повредени се над 3.300 лица.
Министерството за здравство на Палестина соопшти дека во израелските авионски напади загинале 1.537 Палестинци, а 6.612 се повредени.