Mohammad Sıo
13 Февруари 2025•Ажурирај: 13 Февруари 2025
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелската војска денес изврши воздушен напад во Појасот Газа и покрај договорот за прекин на огнот на палестинската територија, пренесува Анадолу.
Во соопштението на војската се тврди дека нападот бил насочен кон ракетен лансер што се користел за истрелување ракети од внатрешноста на енклавата.
Според очевидци, израелско беспилотно летало истрелало проектил врз земјоделска област источно од бегалскиот камп Бурејџ во централна Газа.
Нема информации за повредени.
Засега нема соопштение од палестинската страна за израелскиот напад.
Договорот за прекин на огнот е во сила во Газа од 19 јануари, запирајќи ја геноцидната војна на Израел во која се убиени над 48.200 Палестинци, главно жени и деца, и која енклавата ја остави во урнатини.
Шефот на израелската агенција за домашна безбедност Шин Бет, Ронен Бар, утрово се закани со воена ескалација во Газа, велејќи дека израелските сили „остануваат на висока готовност за различни сценарија“.
Израел ја претвори Газа во најголемиот затвор на отворено во светот, одржувајќи 18-годишна блокада и принудувајќи речиси два милиони од нејзините 2,3 милиони жители на раселување поради големиот недостиг на храна, вода и лекови.