свет

Израел го ограничува пристапот на Палестинците до џамијата Ал Акса трет петок во месецот Рамазан

- Израелската војска се распореди на премините што водат кон Кудс (Ерусалим), идентификувајќи ги Палестинците и не дозволувајќи им да влезат на некои од нив

Rania R.a. Abushamala  | 29.03.2024 - Обновена : 30.03.2024
Израел го ограничува пристапот на Палестинците до џамијата Ал Акса трет петок во месецот Рамазан Фото: Исам Римави

РАМАЛА (АА) - Израелските власти им забранија на Палестинците од Западниот Брег да стигнат до џамијата Ал Акса во окупираниот Источен Ерусалим (Источен Кудс) трет петок по ред во муслиманскиот свет месец Рамазан, јавува Анадолу.

Израелската војска се распореди на премините што водат кон Кудс (Ерусалим), идентификувајќи ги Палестинците и не дозволувајќи им да влезат на некои од нив, изјавија очевидци за Анадолу.

Преминот Каландија во северен Ерусалим и контролниот пункт „300“ на југот на градот беа сведоци на активно движење на премините за влез од Западниот Брег кон Ерусалим.

Палестинецот Салама Абделкадер за Анадолу изјави дека утрово бил спречен да стигне до Ерусалим иако ги исполнил сите израелски услови, бидејќи има 60 години и има дозвола.

„По добивањето на мојата дозвола, денес, во раните утрински часови добив порака во која сум информиран дека сум спречен да влезам во Ерусалим со образложение дека според нив (израелските власти) сум активист на терористичка организација“, рече Абделкадер.

Тој истакна: „Израел напорно се труди да наметне нова реалност во Ал Акса и да ги спречи Палестинците да пристапат до неа. Мора да маршираме кон Ал Акса бидејќи тоа прашање е религиско, дури и ако не ни дозволат да влеземе, ќе се молиме овде на воените бариери.“

И Асем Рехан (59) рече дека бил спречен да влезе во Кудс (Ерусалим) откако бил задржан еден час на контролниот пункт Каландија.

Тој за Анадолу изјави дека има дозвола, но дека израелските сили не му дозволиле да влезе во Ерусалим.

Пред почетокот на Рамазан, израелската Влада објави дека „во текот на петоците во текот на целиот месец Рамазан на жителите од Јудеја и Самарија (името од Тората за Западниот Брег) ќе им биде дозволено да влезат во Ерусалим под услов да поседуваат валидна магнетна (безбедносна) дозвола и проценка на безбедносната состојба“.

Армијата додаде дека во Ерусалим (Кудс) ќе им биде дозволен влезот само на мажи постари од 55 години, на жени над 50 години и деца под 10 години.

Новите мерки не ги вклучуваат жителите на Појасот Газа, на кои израелските власти им забрануваат влез во Ерусалим освен со специјални дозволи.

Израел започна смртоносна воена офанзива врз Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври, во кој загинати се 1.139 Израелци.

Во израелските напади што почнаа тогаш врз Појасот Газа загинаа над 32.600 Палестинци, а над 75.000 се повредени.

Израелската војска воведе блокада на Појасот Газа, оставајќи го најголемиот дел од населението, особено жителите на северот, на работ на глад.

Израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, предизвика акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени, според податоците на Обединетите нации.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.