свет

Израел 298 пати забрани повик за молитва во историската џамија Ибрахими

„Неморалот и прекршоците направени од еврејските доселеници ја преминаа границата, толку многу што во џамијата Ибрахими организирале забави со музика до полноќ. Тие поставиле и големи кампови во јужниот дел од дворот на џамијата“

Sena Güler  | 11.07.2018 - Обновена : 12.07.2018
Израел 298 пати забрани повик за молитва во историската џамија Ибрахими

Ramallah

РАМАЛА (АА) - Израел во првата половина од оваа година во историската џамија во градот Хеброн, во окупираниот Западен Брег, забрани повик за молитва 298 пати, јавува Anadolu Agency (AA).

„Окупациските израелски сили во првите шест месеци од оваа година во џамијата Ибрахими го забранија езанот, вклучувајќи ги и повиците за петочна молитва, 298 пати“, изјави преку писмено соопштение палестинскиот министер за религиозни донации, Јусуф Адаис.

Тој рече дека Израел го зајакнува своето присуство во џамијата и ја затворил два дена по ред, под изговор дека во тек се еврејски фестивали.

Тој, исто така, се осврна и на прекршоците сторени од страна на еврејските доселеници.

„Неморалот и прекршоците направени од еврејските доселеници ја преминаа границата, толку многу што во џамијата Ибрахими организирале забави со музика до полноќ. Тие, исто така, поставиле и големи кампови во јужниот дел од дворот на џамијата“, изјави Адаис.

Во јуни, десетици еврејски доселеници поддржани од израелската полиција присилно влегоа во џамијата, каде што извршуваа талмудски ритуали и одржаа музички концерт на кој присуствуваа високи еврејски рабини и израелскиот министер за внатрешна безбедност, Гилад Арад.

Адаис додаде дека Израел ги прекинал реставрациите во џамијата и во дворот.

„Треба да се вложат напори за зајакнување на отпорот на луѓето што живеат во регионот за да се заштити џамијата Ибрахими и Стариот град и да се бориме против окупацискиот режим и расистичките дејства“, истакна тој.

Џамијата Ибрахими се наоѓа во округот на Стариот град на Хеброн, каде што живеат околу 160.000 палестински муслимани и околу 500 еврејски доселеници, коишто живеат во низа еврејски населби кои се силно чувани од израелските трупи.

Во 1994 година, Барух Голдштејн, израелско-американски еврејски доселеник, застрелал 29 палестински муслимани додека се молеле во џамијата, пред да се самоубие.

Оттогаш, џамијата, за која се верува дека била изградена на гробот на божјиот пратеник Ибрахим, е поделена на муслиманска секција (45 отсто) и еврејска секција (55 отсто).

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.