Emel Gözellik
04 Февруари 2020•Ажурирај: 05 Февруари 2020
АНКАРА - Во Тајланд и Сингапур се забележани по шест, а во Јужна Кореја еден нов случај на заболени лица од коронавирусот (2019-nCoV), јавува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во националните медиуми, Министерството за здравство на Тајланд објавило дека кај четворица Тајланѓани и двајца Кинези е откриен коронавирусот, со што бројот на заболени од новиот тип на коронавирусот се искачи на 25 лица.
Министерството за здравство на Сингапур информира дека во земјата се забележани шест нови случаи на заболени од коронавирусот, со што бројот на идентификувани носители на вирусот се искачи на 24 лица.
Центарот за контрола и превенција од болести на Јужна Кореја соопшти дека по враќањето од Тајланд, кај еден Јужнокореец (42) е откриен коронавирусот. Со последниот случај на заболен од коронавирусот, во Јужна Кореја бројот на идентификувани лица кои се носители на коронавирусот се искачи на 16.
- Премиерот на Камбоџа, Хун Сен, ќе го посети Вухан
Премиерот на Камбоџа, Хун Сен, преку својот профил на социјалните мрежи соопшти дека ќе го посети кинескиот град Вухан со цел да се сретне со студентите од Камбоџа кои престојуваат во овој град.
Хун Сен наведува дека кинеските власти се информирани во врска со посетата, додавајќи дека неговата посета на Вухан е со цел да им се даде морална поддршка на студентите од Камбоџа кои се школуваат во Вухан.
- Повеќе од 400 починати од коронавирусот
Бројот на починати од коронавирусот во Кина изнесува 427 лица, а бројот на заразени лица од овој вирус се искачи на 20.438.
Новиот тип на коронавирусот за првпат е забележан на 12 декември 2019 година во градот Вухан, во кинеската провинција Хубеи. Комисијата за здравство на Вухан на 31 декември 2019 година соопшти дека кај 27 лица кои имале контакт со пазарот за морска храна „Хуанан“ е откриена „мистериозна“ болест и го затвори пазарот.
Светската здравствена организација прогласи „меѓународна вонредна здравствена состојба“ поради новиот тип на коронавирусот што се појави во Кина, а голем број авиокомпании ги откажаа своите летови кон оваа земја поради експанзијата на епидемијата на коронавирусот.
Региони и земји во кои е забележан коронавирусот:
Во Специјалниот административен регион Хонгконг се забележани 15 случаи, 8 во Специјалниот административен регион Макао, 10 во Тајван, 10 во Јапонија, 25 во Тајланд, 24 во Сингапур, 16 во Јужна Кореја, 7 во Австралија, 12 во Германија, 11 во САД, по 10 во Малезија и Виетнам, 6 во Франција, 5 во ОАЕ, 4 во Канада, 3 во Индија, по 2 во Русија, Италија, Велика Британија, Индија и Филипини и по 1 во Белгија, Непал, Камбоџа, Шри Ланка, Финска, Шведска и Шпанија.