Ekipa
23 Август 2016•Ажурирај: 24 Август 2016
КАИРО (АА) - Група болни затвореници, меѓу кои се наоѓаат новинарот Хишам Џафер и 76 годишниот пензиониран судија Махмуд ел-Худајри, кои беа против воениот удар, го започнаа својот штрајк со глад како протест поради медицинската негрижа и малтретирањето.
Адвокатот Ахмед Мади, кој е дел од одбраната на новинарот Џафер, за АА изјави дека група затвореници кои се наоѓаат во болницата Ел Каср ел-Ајни, меѓу кои се наоѓа неговиот клиент Џафер и пензионираниот судија Махмуд ел-Худајри, во саботата започнале со штрајк со глад како „протест поради медицинската негрижа и малтретирањето".
Адвокатот Мади истакна дека на затворениците не им била давана потребната медицинска грижа, дури не им биле давани ниту лекарства. Неговиот клиент Џафер, кој боледува од простата, и покрај неговата тешка здравствена состојба, вчера од болницата бил вратен во затворот Акреб.
Поради префрлувањето на неговиот клиент од болницата во затворот, без да биде завршено неговото лекување, адвокатот Мади рече дека ќе поднесе барање до Јавното обвинителство за поништување на одлуката за враќање на новинарот Џафер во затвор.
По воениот удар во Египет, во јули 2013 година, под обвинение за „поттикнување насилство", беше уапсен пензионираниот судија Худајри, додека новинарот Хишам Џафер беше приведен под обвинение за „членување во илегална организација".
По воениот удар во Египет на 3 јули 2013 година и преземањето на државните функции, Организацијата на Муслиманското братство беше прогласена за терористичка организација, додека нејзините членови под обвинение дека се „членови на илегална организација", беа приведени.
Покрај тоа, стотици лица кои протестираа против воениот удар, под обвинение за „поттикнување насилство, организирање неовластени демонстрации, прекршување на законот за демонстрации, нарушување на јавниот мир" беа уапсени.