Ali H. M.Abo Rezeg
03 Јуни 2019•Ажурирај: 05 Јуни 2019
ТЕХЕРАН (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, денес изјави дека американските санкции нема да го натераат Техеран да се вклучи во преговори со Вашингтон, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за „Еј-би-си Њуз“ (ABC News), коешто беше цитирано од иранските медиуми, Зариф изјави дека Иран нема да биде заплашен од „уметноста на притисокот за договорот“ на американскиот претседател, Доналд Трамп.
„Го реков тоа порано, заканите против Иран не се ефективни никогаш. Никогаш не се заканувајте на Иранец. Обидете се со почит, тоа можеби ќе функционира“, изјави тој.
Нарекувајќи ги американските санкции „економски тероризам“, Зариф рече дека санкциите се насочени кон обичниот ирански народ.
„Тој [Трамп] нема да ги постигне своите цели на политиката преку притисок врз Иранците“, рече тој.
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, вчера изјави дека Вашингтон е подготвен да преговара со Иран без предуслови.
На 29 мај, иранскиот претседател, Хасан Рохани, сугерираше дека преговорите со САД се можни „под услов САД да ги укинат санкциите и да ги исполнат своите обврски“.
Тензиите меѓу Иран и Соединетите Американски Држави (САД) постојано се зголемуваат од 2017 година, кога американскиот претседател, Доналд Трамп, го повлече Вашингтон од историскиот Договор за нуклеарна програма меѓу Техеран и групата П5 + 1 (петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, плус Германија).
Оттогаш, администрацијата на Трамп повторно наметна санкции врз иранскиот банкарски и енергетски сектор, а Иран се закани дека ќе го затвори стратешкиот теснец Хормуз за испораките на нафта на САД.