Gözde Bayar
03 Јуни 2019•Ажурирај: 04 Јуни 2019
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) денес ги повика суданските воени официјални претставници да ја предадат власта на цивилите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Секоја одлука да се интензивира употребата на сила може само да го попречи политичкиот процес. Приориет на Европската Унија останува брзото предавање на власта на цивилните власти“, рече Маја Коцијанчиќ, портпаролката на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.
Коцијанчиќ изјави дека ЕУ ги следи инцидентите одблизу, вклучувајќи ги и нападите врз демонстрантите цивили.
„Го повикуваме Транзицискиот воен совет (TMC) да дејствува одговорно и да го почитува правото на луѓето да ја искажат својата загриженост“, додаде таа.
Најмалку 13 демонстранти загинаа, а стотици се повредени денес, кога суданските безбедносни сили спроведоа акција во главниот протестен камп во близина на седиштето на Армијата во главниот град Картум.
На почетокот на април, воениот естаблишмент на Судан го собори Ал Башир по неколкумесечни демонстрации на населението против неговото 30-годишно владеење.
Транзицискиот воен совет (TMC) го надгледува преодниот период од две години во текот на кои вети дека ќе организира претседателски избори.
Демонстрантите, сепак, останаа на улиците да бараат од Воениот совет да ја предаде власта што е можно поскоро на цивилните власти.