Mustafa M. M. Haboush,Muhammed Emin Canik
24 Ноември 2023•Ажурирај: 25 Ноември 2023
ГАЗА (АА)
Палестински извори објавија дека камиони натоварени со гориво почнале да влегуваат во Појасот Газа од Египет во рамките на „хуманитарниот договор за пауза“ постигнат меѓу Хамас и Израел, известува Анадолу.
Извори од Газа на граничниот премин Рафа, до кои дојде дописникот на АА, потврдија дека започнал влезот на гориво во Појасот Газа.
Се истакнува дека споменатите камиони за помош превезувале гориво и боци за гас што се користат во кујните.

Кога Израел го блокираше влезот на гориво во Појасот Газа, многу болници не можеа да продолжат со своите активности бидејќи останаа без струја, амбулантите не функционираа, а лекарите вршеа хируршки операции со светилки од мобилните телефони.
Во првата недела од конфликтот во Газа, единствената електрана во регионот престана да произведува електрична енергија поради недостиг на гориво.
Подоцна се потроши и горивото потребно за работа на генераторите што се користат во болниците, телекомуникациските компании, здравствените центри, домовите и бунарите за вадење вода.

- Најновата состојба во израелската окупација на Газа
Додека Бригадите Ал-Касам, вооруженото крило на Хамас, започна сеопфатен напад утрото на 7 октомври, со образложение дека тоа е „реакција на израелските континуирани прекршувања на правата на Палестинците и нивните свети вредности, особено на Ал-Акса“, израелската војска започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници.
Во нападите на 7 октомври во Израел загинале 1.200 Израелци, меѓу кои повеќе од 310 војници, а 5.132 лица биле повредени.
Според информации од израелската армија, од 7 октомври досега 70 израелски војници ги загубија животите во судирите во Газа, а шестмина на границата со Либан.
Израел објави дека во рацете на Бригадите Ал-Касам има 239 израелски заробеници.
Владата во Газа соопшти дека во израелските бомбардирања на Појасот Газа од 7 октомври досега се убиени 14.854 луѓе, меѓу кои повеќе од 6.150 се деца, а над 4.000 се жени.
Од 7 октомври досега 229 Палестинци ги загубија животите во нападите на израелските сили и еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег и во Кудс (Ерусалим).
За да ги принудат на евакуација, израелската армија ги бомбардираше кампусите и главните згради на десетици болници во Газа, каде што се засолнија десетици илјади повредени и цивили. Тие упаднаа во некои болници за време на окупацијата. Во израелските напади загинаа и беа повредени стотици луѓе.
Во судирите меѓу израелската армија и Хезболах на границата на 8 октомври загинаа 85 члена на Хезболах.
Договорот меѓу Израел и Хамас, кој ќе обезбеди хуманитарна пауза на конфликтот, стапи во сила денес, петок, 24 ноември, во 06:00 часот по средноевропско време. Според договорот, ќе има четиридневна хуманитарна пауза меѓу завојуваните страни. Во замена за 50 израелски заробеници што ги држи Хамас, ќе бидат ослободени 150 Палестинци од израелските затвори.