Emel Gözellik
19 Февруари 2020•Ажурирај: 20 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Патниците чии резултати од тестот за новиот тип коронавирус (Ковид-19) се негативни почнаа да се евакуираат од крузерот „Дајмонд принцес“, што е под карантин од 4 февруари во пристаништето во Јокохама, во близина на главниот јапонски град Токио, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на јапонската новинска агенција „Кјодо“, од бродот се евакуирани 500 патници чии резултати од тестот за новиот тип коронавирус биле негативни.
Во веста е наведено дека патниците се проверени еден по еден и на оние чии тестови биле негативни им било дозволено да го напуштат бродот.
Евакуацијата од бродот се очекува да трае најмалку три дена.
Крузерот со 3.500 патници, што се приближи до пристаништето во Јокохама, беше ставен под карантин на 4 февруари, откако кај еден патник од Хонгконг беше пронајден новиот тип коронавирус (Ковид-19).
Светската здравствена организација прогласи здравствена вонредна состојба откако коронавирусот (Ковид-19) за кратко време се рашири во другите градови и земји. Вирусот за прв пат беше откриен во градот Вухан, во кинеската покраина Хубеј, на 12 декември 2019 година.
Во Кина, како резултат на појавата на коронавирусот (Ковид-19), бројот на починати лица порасна на 2005, а бројот на заразени лица се искачи на 74.185.