Fahri Aksüt
19 Февруари 2020•Ажурирај: 20 Февруари 2020
ПЕКИНГ (АА) - Билансот на починати лица како последица на заразувањето со коронавирусот во Кина е зголемен на 2.005 лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Националната здравствена комисија на Кина (NHC) денес соопшти дека во изминатите 24 часа починале 136 заразени лица, со што бројот на починати од заразата со опасниот вирус во земјата се зголеми на 2.005.
Од Комисијата наведуваат дека досега е потврден вирусот 2019-nCoV кај вкупно 74.185 пациенти, а дека меѓу нив 11.977 лица се во критична состојба.
Бројот на лица што се под медицински надзор поради сомнеж дека го носат опасниот вирус се намали и сега изнесува 135.881.
Коронавирусот кон крајот на минатата година се појави и брзо се прошири во кинескиот град Вухан, а случаи со зараза се потврдени во повеќе од 20 земји низ светот.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност, а голем број авиокомпании ги запреа летовите кон Кина. Болеста официјално е наречена Ковид-19.
Кинеските власти во Вухан испратија додатни 11.000 лекари и медицински персонал за помош во лекување на заболените.