Amir Latif Arain
31 Март 2024•Ажурирај: 01 Април 2024
АНКАРА (АА) - Рекордни 63,2 отсто од испитаниците во владиното истражување во Јапонија изјавиле дека не се чувствуваат финансиски сигурни и имаат негативна перспектива за својата иднина, пренесува Анадолу.
Во споредба со 2022 година, пропорцијата на луѓе кои се соочиле со финансиски стрес во 2023 година се зголемил за 0,7 процентни поени во позадина на растот на цените, објави денес токиски Кјодо њуз, наведувајќи ја анкетата на Кабинетот.
Над 57 отсто од околу 3.000 луѓе на возраст од 18 или повеќе години одговориле на најновата анкета, направена изминатиот ноември и декември
Околу 28,6 отсто се пожалиле на потешкотии во воспитувањето на децата, а 28,2 отсто кажале дека на младите им е тешко да бидат независни.
Околу 26,2 отсто сметаат дека им е тешко на жените да играат активна улога во општеството, додека 25,8 отсто рекле дека се незадоволни од нивната работна средина.
Според 69,4 отсто од испитаниците, инфлацијата ја турка земјата во негативна насока, додека значителен процент од луѓето изразиле загриженост за економијата.
Во 2023 година, основните потрошувачки цени во Јапонија се зголемија за 3,1 отсто, што е најбрзо темпо на пораст во последните 41 година.
Спротивно на тоа, реалните плати паднаа за 2,5 отсто во втора година по ред на пад на платите, бидејќи владините податоци покажаа дека зголемувањата на платите не се совпаѓаат со инфлацијата.
Посебна анкета во приватниот сектор, направена во ноември, покажа дека над 46 отсто од редовните работници од домаќинствата со двојни примања во четвртата по големина економија во светот изјавиле дека имаат финансиски потешкотии.
На позитивната страна, анкетата на Кабинетот покажа дека 25,1 отсто од испитаниците велат дека медицинските и социјалните служби се движат во подобра насока.