Mustafa Deveci
29 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - За време на синоќешните рации на повеќе локации во окупираниот Западен Брег, израелските сили лишија од слобода најмалку 26 Палестинци, јавува Anadolu Agency (AA).
Израелската Војска информираше дека приведените се обвинети за наводна вмешаност во терористички активности.
Во продолжение Војската наведува дека приведените се задржани во притвор заради понатамошна истрага.
Според податоците на палестинските институции, во израелските затвори се наоѓаат околу 6.500 Палестинци. Меѓу нив има стотици жени и малолетници и десетици политичари.
По примерот на британската власт во Палестина меѓу двете светски војни, властите на Израел од 1967 година кон Палестинците спроведуват практика на „управен притвор“, што претставува ноќна мора за Палестинците кои поради тоа минуваат месеци и години во израелските затвори.
Илјадници Палестинци завршуваат во израелските затвори како управни притвореници, најчесто поради наводни обвинувања дека претставуваат закана за националната безбедност на Израел. Иако не се спроведуваат судски процеси, на затворениците со месеци и години им се продолжува мерката притвор, а на нивните адвокати најчесто не им се дозволува пристап до таканаречените „тајни докази“.