свет

ЕУ и НАТО повикуваат на деескалација на тензиите во северниот дел на Косово

„Разговарав со Вучиќ [претседателот на Србија] и со Албин Курти, [премиерот на Косово] за потребата од деескалација во северниот дел на Косово. Од витално значење е и Белград и Приштина да покажат воздржаност и да се вратат на дијалогот“

Faruk Zorlu  | 27.09.2021 - Обновена : 28.09.2021
ЕУ и НАТО повикуваат на деескалација на тензиите во северниот дел на Косово

АНКАРА (АА) - Европската Унија и НАТО вчера ги повикаа Србија и Косово да ги деескалираат тензиите во северниот дел Косово откако Приштина забрани влез во земјата на возилата со српски регистарски таблички, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Разговарав со Вучиќ [претседателот на Србија] и со Албин Курти, [премиерот на Косово] за потребата од деескалација во северниот дел на Косово. Од витално значење е и Белград и Приштина да покажат воздржаност и да се вратат на дијалогот“, напиша генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Твитер.

„Мандатот на КФОР на НАТО останува да обезбеди сигурна и безбедна средина и слобода на движењето за сите“, додаде тој.

Косовските сили, или КФОР, се мировна мисија предводена од НАТО, која работи во Косово од јуни 1999 година, со цел градење на мирот и стабилноста во областа.

Во меѓувреме, шефот за надворешна политика на Европската Унија, Џозеп Борел, изјави дека „Србија и Косово треба безусловно да ја деескалираат ситуацијата на теренот со итно повлекување на специјалните полициски единици и отстранување на блокадите на патиштата“.

„Секоја понатамошна провокација или едностран и некоординиран потег е неприфатлив“, додаде Борел.

За да се смири ситуацијата и да се постигне договор за патот напред, двете земји мора да најдат решенија, рече Борел.

„ЕУ активно ќе ги поддржи овие напори. И лидерите на Косово и лидерите на Србија се целосно одговорни за секој ризик по безбедноста и благосостојбата на локалните заедници и во Косово и во Србија.“

Тој, исто така, ги нагласи своите блиски контакти со Столтенберг, додавајќи: „КФОР игра клучна улога во поддршката на регионалната стабилност на Западен Балкан“.

- Тензиите помеѓу Косово и Србија -

Забраната за возила со српски регистарски таблички во понеделникот создаде тензии меѓу Србија и Косово.

Косовското Министерство за внатрешни работи соопшти дека на возилата со српски регистарски таблички не им се дозволува да ја минуваат границата и дека возачите ќе треба да имаат привремени таблички.

Министерството нагласи дека договорот за слободна циркулација на сообраќајот потпишан меѓу двете земји во 2016 година истекол на 15 септември.

Привремените регистарски таблички се поставуваат на ветробранските стакла и задните стакла на возилата додека оригиналните таблички се покриваат.

Премиерот Курти рече дека одлуката не е насочена кон Србите во Косово.

„Нашата цел не е провокација или нестабилност. Сè што се прави е легално. Ние го спроведуваме само она што произлегува од истечен договор“, рече тој.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.