Ekip
26 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
ИСЛАМАБАД
Талибанците објавија дека се решени сите технички проблеми на аеродромот во Кабул и дека меѓународните летови би можеле да продолжат, известува Агенција Анадолија (АА).
Привремената авганистанска влада ги уверува сите авиопревозници во потполна соработка, очекувајќи од сите авиопревозници и земјите кои претходно летаа за Кабул, да ги продолжат своите летови.
Во соопштението на портпаролот на Министерството за надворешни работи на Авганистан, Абдул Кахар Балки, се вели дека неодамнешните политички промени во Авганистан предизвикале низа технички проблеми во авиосекторот, поради што биле прекинати меѓународните летови за Авганистан.
„Бидејќи се решени проблемите на Меѓународниот аеродром во Кабул, а аеродромот во потполност е оперативен за домашни и меѓународни летови, ИАЕ (Исламски Емират Авганистан) ги уверува сите авиопревозници во потполна соработка и очекува од сите авиопревозници и земји кои претходно летаа кон Кабул да ги продолжат своите летови како и досега“, наведе Балки.
Летовите на главниот авганистански меѓународен аеродром во Кабул беа прекинати минатиот месец откако талибанците ја презедоа власта, а американските трупи ја уништија опремата и радарскиот систем пред да го напуштат Авганистан.