Ayhan Şimşek
27 Септември 2021•Ажурирај: 28 Септември 2021
БЕРЛИН (АА) - Социјалдемократската партија (SPD) освои најголем број на пратенички места на општите избори, додека конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ на Ангела Меркел се најде на второ место, покажуваат прелиминарните официјални резултати, јавува Агенција Анадолија (АА).
Германците вчера гласаа на општите избори за нов состав на Парламентот и да одлучат кој ќе ја наследи канцеларката Меркел.
Социјалдемократската партија (СПД) на Олаф Шолц победи на изборите со мала разлика, освои 25,7 отсто од гласовите и обезбеди 206 места во Парламентот, според прелиминарните резултати објавени од Федералната изборна агенција.
Претседателот на Христијанско-демократската унија (CDU) и кандидат за канцелар на Германија пред конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ (CDU/CSU), Армин Лашет, се најде на второ место со 24,1 отсто и обезбеди 196 места во Бундестагот. Ова се најлошите изборни резултати за демохристијаните од 1949 година.
Социјалдемократите обезбедија тесна победа на изборите, но не успеаја да освојат парламентарно мнозинство, сигнализирајќи дека земјата оди кон тројна коалициска Влада за прв пат од 1960-тите.
Канцеларот на Германија се избира индиректно, со тоа што избирачите бираат нови членови на Парламентот кои потоа со меѓусебно гласање го одредуваат новиот канцелар.
Ако победничката партија обезбеди мнозинство во Парламентот или успее да изгради коалициска Влада со апсолутно мнозинство, нејзиниот кандидат обично станува следниот канцелар на земјата.
По 16 години на власт, Меркел ја напушта активната политика, но ќе остане на својата функција до формирањето на новата Влада.