Sayed Khodaiberdi Sadat
24 Август 2021•Ажурирај: 25 Август 2021
КАБУЛ
Центарот на покраината Панџшир, сместен на североисток од авганистанскиот главен град Кабул, каде што Талибанците сè уште не доминираат, е снимен од екипата на Агенција Анадолија (АА).
Панџшир, родниот град на Ахмад Шах Месуд, еден од најважните водачи на отпорот против советската окупација на Авганистан во осумдесеттите години, речиси има изглед на град каде што се војува.
Откако Ахмад Шах Месуд беше убиен од Ал Каеда во 2001 година, талибанците сè уште не можеа да влезат во градот, кој е под контрола на вооружените сили на неговиот син Ахмед Месуд.
Портпаролот на талибанците, Забихулах Муџахид, на 22 август рече дека Панџшир е опколен од талибанците.

Истакнувајќи дека продолжуваат преговорите со силите во Панџшир градот да биде предаден на талибанците, портпаролот Муџахид рече дека тие се за решавање на овој проблем по пат на дијалог.
На влезот на стратешки важниот град Панџшир, опкружен со високи планини, вооружени мажи поврзани со Месуд ги контролираат сите што влегуваат и излегуваат од градот.
Страните на патиштата се преполни со остатоци од оклопни возила уништени во неуспешните обиди за инвазија на Советскиот Сојуз во Панџшир.
Панџшир, исто така, се спротивстави на нападите на талибанците помеѓу 1996 и 2001 година, кога владееја со Авганистан.
Не е познат точниот број на силите на Месуд што им пружаат отпор на талибанците во Панџшир.
Од друга страна, се вели дека Емрулах Салих, првиот заменик на поранешниот претседател Ашраф Гани, кој го напушти Авганистан, е во овој град за да ги поддржи силите на Ахмед Месуд.

- Процесот на талибанска доминација во земјата
Во рамките на мировниот договор постигнат меѓу САД и талибанците во февруари 2020 година, годинава започна процесот на повлекување на меѓународните сили од Авганистан.
Договорот предвидуваше да не се напаѓаат странските сили, но не предвидуваше никакви одредби во врска со акциите на талибанците против авганистанските безбедносни сили.
Талибанците од една страна ги продолжија преговорите со авганистанската Влада во Доха, а од друга страна истовремено со голема брзина и со насилни напади од јуни освоија многу области и провинциски центри во Авганистан.
Талибанците ја презедоа контролата врз главниот град Кабул без конфликт, откако претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата на 15 август.