Ekipa
03 Април 2021•Ажурирај: 04 Април 2021
АНКАРА (АА) - Египет се подготвува за организирање историско изложување на останките на 22 кралски мумии низ улиците на Каиро, јавува Агенција Анадолија (АА).
Античките мумии - 18 кралеви и 4 кралици - ќе бидат пренесени од Египетскиот музеј на плоштадот „Тахрир“ во Каиро во новиот Национален музеј на египетската цивилизација.
Како дел од подготовките за поворката наречена „Златна парада на фараоните“ направени се специјални вагони за секоја од мумиите на кој ќе стои заедничкото лого, името и презимето на мумијата на арапски, англиски јазик и со хиероглифи.
Според египетските медиуми, се очекува 400 канали, од кои половината се меѓународни, да го пренесуваат настанот, што ќе биде проследен со голема церемонија организирана од египетски и странски познати личности.
„Поворката е прва во историјата на Египет во која овие кралеви се на едно место и ќе трае еден час“, соопшти Ахмед Гонеим, извршен директор на египетскиот Музеј на египетската цивилизација.
Мумиите откриени во два наврата од локалитет во јужен Египет во 1871 и во 1898 година биле подготвувани да бидат претставени во новиот музеј со цел да привлечат посетители, според изјавите на египетското Министерство за туризам.
Дел од мумиите што ќе бидат прикажани на процесијата се на кралот Рамзес II, кралот Секнен Ра, кралот Тутмозис III, кралот Сети I, кралицата Хатшепсут, кралицата Меритамен, сопруга на кралот Аменхотеп Први, и кралицата Ахмосе-Нефертари, сопруга на кралот Ахмосе.