Ekipa
31 Јануари 2019•Ажурирај: 02 Февруари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Поранешниот заменик-претседател на Египет, Мухамед ел Барадеј, ја критикуваше својата земја поради прекршувањето на човековите права, пренесува Anadolu Agency (AA).
Барадеј, преку својот профил на социјалната мрежа Твитер, сподели објава во која посочува дека во последно време во Египет се извршени низа прекршоци врз некои политичари и активисти, истакнувајќи дека таквите практики можат да ѝ штетат на иднината на земјата.
Поранешниот заменик-претседател на Египет, Барадеј, во објавата го вели следното:
„Инженерот Јахја Хусеин Абдулхади е приведен и не се знае каде се наоѓа, инженерот Ешреф Сахата и д-р Мустафа ен-Неџар се исчезнати, д-р Абдулмуним Ебул Футух, д-р Шади ел Газали и д-р Хазим Абдулазим се во затворски ќелии. Овие имиња се само неколку од безбројните примери. Ова не може да биде патот што ќе нѐ одведе во иднината.“
На 3 јули 2013 година, кога власта во земјата ја презеде војската, поранешниот претседател на Меѓународната агенција за атомска енергија, Барадеј, беше поставен за заменик-претседател на Египет. Меѓутоа, по крвавата интервенција во Рабија и Нахда извршена од страна на безбедноснтие сили на 14 август 2013 година, Барадеј поднесе оставка, изјавувајќи „Во време кога се отворени патиштата за изнаоѓање политичко решение, во знак на протест на интервенцијата на безбедносните сили врз оние кои протестираа против пучот, поднесувам оставка.“
Барадеј, кој е еден од Египќаните кои велеа дека „пучот ги уништи сопствените деца“, во почетоците беше еден од личностите кои најмногу го поддржуваше пучот.
Поради случувањата во земјата, поранешниот политичар Барадеј живее надвор од Египет. Барадеј, кој на социјалната мрежа има над 6 милиони следбеници, преку својот профил главно пишува за прашања поврзани со Египет и со арапскиот свет.