Египет објави значителен напредок во преговорите за прекин на огнот во Газа
Индиректните преговори меѓу Израел и палестинското движење Хамас започнаа вчера во египетскиот град Шарм ел-Шеик, со цел разгледување на планот за прекин на огнот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп

КАИРО/ИСТАНБУЛ (АА) – Египетскиот министер за надворешни работи, Бадр Абделати, денес изјави дека во рамките на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа се одвиваат разговори за воспоставување механизам што ќе обезбеди целосно израелско повлекување и непречен пристап на хуманитарна помош, јавува Анадолу.
На заедничка прес-конференција со својот словенечки колега, Абделати изрази надеж дека тековната рунда преговори ќе резултираат со завршување на војната и гладот во Газа, истакнувајќи дека е постигнат значителен напредок.
Индиректните преговори меѓу Израел и палестинското движење Хамас започнаа вчера во египетскиот град Шарм ел-Шеик, со цел разгледување на планот за прекин на огнот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп.
Египетскиот министер појасни дека разговорите се фокусирани на создавање механизам што ќе гарантира целосно повлекување на израелските сили од Појасот Газа и безусловен влез на хуманитарна помош во енклавата преку каналите на Обединетите нации.
Тој нагласи дека преговорите имаат за цел зацврстување на патот кон праведен мир, заснован на решението за две држави и обединување на Западниот Брег и Појасот Газа.
Абделати ја поздрави иницијативата на Трамп, повикувајќи на започнување политички процес што ќе доведе до формирање независна палестинска држава во границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како нејзин главен град.
На 29 септември Трамп претстави план од 20 точки, кој вклучува ослободување на сите израелски заробеници во замена за палестинските затвореници, прекин на огнот, разоружување на палестинската група Хамас и обнова на Газа.
Според египетскиот државен медиум „Ал-Кахера њуз“, првиот ден од преговорите завршил во позитивна атмосфера.
Израелскиот јавен радиодифузер КАН објави дека владее „оптимизам“ и во Израел и во САД, со оценка дека можно е постигнување договор до недела.
Од октомври 2023 година, израелската војска уби над 67.100 Палестинци во Газа, поголемиот дел жени и деца.
Немилосрдното бомбардирање ја направи енклавата речиси непогодна за живеење и доведе до масовно раселување, глад и ширење на болести.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.