Timo Kirez
09 Април 2024•Ажурирај: 12 Април 2024
ЖЕНЕВА (АА) - Во пресудата со можни ефекти на целиот континент, Европскиот суд за човекови права во Стразбур денес ја осуди Швајцарија дека не ја заштитила климата, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Судската пресуда во Стразбур ја прифати тужбата што против Швајцарската Конфедерација ја поднесе локалната невладина организација наречена „Climate Seniors“.
Швајцарскиот јавен сервис СРФ извести дека судот утврдил повреда на Конвенцијата за човекови права. Констатирана е повреда и на правото на приватен и семеен живот.
Како што објави СРФ, судот тврди дека државите имаат обврска да спроведат мерки за борба против глобалното затоплување, но дека Швајцарија не го сторила тоа.
Ова е првпат судот во Стразбур да се осврне на прашањето дали климатската политика на една земја ги крши човековите права. Пресудата може да има далекусежни ефекти во Европа.
Пресудата би можела да отвори правен пат за поединци и групи да преземат правни дејствија против климатските политики на 46-те членки на Советот на Европа, кои се под јурисдикција на овој суд. Неговите членки вклучуваат држави како Германија, Франција, Италија, Велика Британија и Туркије.
Невладината организација „Climate Seniors“ опфаќа повеќе од 2.000 швајцарски пензионери.
Иницијативата за тужбата првично беше од швајцарскиот огранок на еколошката групација Гринпис.
Новата тактика на легално предизвикување на државите да направат повеќе за заштита на планетата ја одразува тежината на вонредната состојба во услови на тековната климатска криза, велат еколошките активисти.