Mehmet Burak Karacaoğlu, Ahmet Karaahmet
22 Септември 2021•Ажурирај: 23 Септември 2021
ИДЛИБ
Децата кои со своите семејства се раселени под притисокот на режимот на Башар ал Асад во Сирија, за да го покажат пред светот копнежот за својот дом, подготвија порака долга 75 метри, известува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на 11-годишната граѓанска војна во Сирија, милиони деца беа принудени да ги напуштат своите домови, училишта и пријатели поради нападите на режимот на Асад и неговите поддржувачи. Додека некои од овие деца ги напуштија своите земји, останатите се засолнија во шаторски кампови, кои се релативно безбедни.
Здружението „Сириска зора“ организира активност за 300 деца кои подолг период живеат во шатори во Идлиб. Тие на хартија во должина од 75 метри ги нацртаа нападите на режимот на Асад, нивните домови кои останаа далеку од нив, своите пријатели и копнежот за топол дом.
Ијлеф Шеик Јусуф, кој по нападите на режимот на Асад мигрирал од источните рурални предели на Идлиб и се населил во логорот „Езрак“, во изјавата дадена за Агенција Анадолија истакна дека нивна цел е на целиот свет да му го покажат својот копнеж и желба во мир и безбедност да се вратат во своите домови, од каде што биле присилно раселени пред нападите на режимот.
Дванаесетгодишниот Јусуф, кој изјави дека сака да биде новинар кога ќе порасне, изјави: „Ќе му покажам на светот во каква состојба се луѓето во Сирија и низ што сѐ минуваат.“
Мунтехе Мухамед (13), учесничка на настанот, рече дека биле присилно раселени поради нападите на режимот на Асад и имаат желба да се вратат во своите домови што е можно поскоро.
Изјавувајќи дека за настанот се подготвуваат речиси два месеци, Мунтехе Мухамед рече: „Испишувајќи пораки и цртајќи слики на долга ролна од хартија, сакаме нашиот глас да го чуе целиот свет.“
- Состојбата во Идлиб
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за четири зони на деескалација во Идлиб и соседните провинции (Латакија, Хама и Алепо), но режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз три од овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Русија и Турција постигнаа дополнителен договор во Сочи на 17 септември 2018 година.
По краткотрајниот прекин на огнот, во мај 2019 година силите на режимот започнаа копнени операции за освојување на целата територија. Во тие операции на режимот и неговите поддржувачи, освоени се значајни територии во околината на Идлиб, подрачја северно и источно од Хама, како и рурални области што се наоѓаат јужно и западно од Алепо.
Министерството за национална одбрана на Турција на 10 јануари објави дека Турција и Русија се согласиле за прекин на огнот кој ќе започне на 12 јануари 2020 година во 00:01 часот, но режимот на Асад и неговите сојузници ги продолжија своите напади во Идлиб, игнорирајќи го прекинот на огнот.
По тоа, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател во Москва на 5 март 2020 обезбедија нов договор. Последниот договор за прекин на огнот стапи на сила на 6 март 2020, во 00:01 часот.
Иако силите на режимот повремено го прекршуваат примирјето, тоа во голема мерка се одржува.
Во периодот од 2017 до 2020 година приближно 2 милиони луѓе беа принудени да мигрираат кон границата со Турција поради нападите на силите на режимот и на Русија.