Davut Çolak
03 Февруари 2021•Ажурирај: 03 Февруари 2021
КОПЕНХАГЕН
Данска објави дека уште еднаш ја продолжила одлуката за суспензија на летовите со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за транспорт на Данска, Бени Енгелбрехт, истакна дека одлучиле да ја продолжат забраната на летовите со ОАЕ откако во таа земја се зголемил бројот на заразени со коронавирусот.
Тој нагласи дека оваа одлука е неопходна, бидејќи, како што рече, ништо не сака да препушти на случајот кога се работи за пандемијата на коронавирусот.
Енгелбрехт напомена дека одлуката за суспензијата на летовите е продолжена за уште една недела, или до стапувањето на сила на мерките за задолжителни ПЦР-тестови за луѓето што доаѓаат од странство.
Данското Министерство за транспорт соопшти дека на 22 јануари ги запрело летовите со ОАЕ на пет дена. Министерството на 26 јануари објави дека забраната е продолжена до 2 февруари.
Во соопштението на Министерството е наведено дека таквата одлука е донесена поради сомнеж во неправилноста на тестовите за Ковид-19 во Дубаи, туристичкиот центар на ОАЕ.