Davit Kachkachishvili
30 Јули 2022•Ажурирај: 31 Јули 2022
ТБИЛИСИ (АА) - Вчера при пад на хеликоптер во Грузија загинаа најмалку 8 лица, а станува збор за хеликоптер што превезувал спасувачи на местото на кое претходно се случила несреќа при лет со параглајдер, известува Агенција Анадолија (АА).
Несреќата се случила во регионот Казбеи кај Гудаури, а се урна хеликоптер на граничната полиција, што бил во спасувачка мисија.
Во соопштението се наведува дека хеликоптерот превезувал спасувачи и медицинари кои требало да им помогнат на лицата кои доживеале несреќа при параглајдерство во тешко пристапен планински предел.
Се урна хеликоптер од типот МИ-8, а локалното население ги снимило моментите на несреќата, на која може да се забележи како хеликоптерот се врти во воздух и паѓа во поток, по што се случува силна експлозија.
Министерот за внатрешни работи на Грузија, Вахтанг Гомелаури, соопшти дека во хеликоптерската несреќа животот го загубиле сите осум лица кои се наоѓале во леталото, а загинал и туристот кој паднал со параглајдер.
Министерот Гомелаури соопшти дека тешко е повреден инструкторот кој управувал со параглајдерот со кој настрадал туристот.
Премиерот на Грузија, Иракли Гарибашвили, за денес прогласи еднодневна жалост во местото Гудаури.