Qais Omar Darwesh Omar,Safiye Karabacak
29 Јули 2022•Ажурирај: 31 Јули 2022
РАМАЛА (АА) - Израелските сили ранија десетици Палестинци во окупираниот Западен Брег, од кои тројца со вистински куршуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од локални извори, жителите на градот Мугаијур, источно од Рамала, организирале марш во знак на протест против тековните напади на еврејските доселеници.
Додека се одвивал маршот, Израелците кои живеат во еврејските населби во близина на градот ги претепале Палестинците и насобраните протестирачи ги нападнале со камења.

Во судирот што настанал меѓу еврејските доселеници и Палестинците, интервенирале израелски војници.
Израелските сили употребиле солзавец, како и вистински и гумени куршуми, за да ја растераат палестинската група.
- Три лица се застрелани со вистински куршуми
Медицинските екипи информираа дека интервенирале кај десетици Палестинци кои биле застрелани со гумени куршуми, од кои тројца биле ранети од вистински куршуми, и кај лицата кои се соочиле со опасност од задушување со солзавец.
Голем број од повредените се префрлени во медицинските центри.

Повеќе од 250 илегални еврејски населби се изградени на Западниот Брег, што Израел го окупира во 1967 година. Над 450.000 еврејски доселеници кои живеат на тие простори им го отежнуваат животот на Палестинците кои живеат на Западниот Брег кој се наоѓа под израелска окупација.
Според меѓународното право, сите еврејски населби изградени на окупираната палестинска територија се сметаат за нелегални.
