Cüneyt Karadağ
20 Септември 2017•Ажурирај: 21 Септември 2017
БЕРЛИН (АА) - Германските медиуми во последниве недели го привлекуваат вниманието со критиките упатени до владата на Ангела Меркел, поради прифаќањето и поддршката што им ја дава на приврзаниците на терористичките организации ПКК и ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Последен настан е собирот со цел да се врши пропаганда на терористичката организација ПКК, заткриен зад параванот на организиран фестивал, со дозвола на властите во Келн. По настанот, турското Министерство за надворешни работи го повика амбасадорот на Германија во Анкара, Мартин Ердман, во министерството, што предизвика повторно затегнување на односите меѓу двете земји.
Германските власти кои им даваат засолниште и поддршка на подржувачите на ПКК и ФЕТО, станаа тема за дискусии во германските медиуми.
Колумнист во германскиот весник „Bild“ (Билт), во својот текст го критикува тоа што се дозволило приврзаниците на терористичката организација ПКК да прават пропаганда. Во текстот се вели:
„Дали Курдската работничка партија ПКК е терористичка организација? Да! Според Министерството за внатрешни работи, портретот на Оџалан е забранет само врз жолта површина и со знамето на Курдите. Во Келн, Курдите избраа други бои, а Службата за државна заштита на илјадници им го дозволи тоа. Тоа е апсурдно и претставува непотребен повод за протест од страна на Турција. Земја што од Турција бара правни стандарди, себеси не смее да си дозволи толку лесна правна дупка“.
Друг напис во врска со темава е објавен во „Süddeutsche“ (Зидојче), еден од најреномираните германски весници. Во веста се критикуваат полициските сили кои замижале пред отворената пропаганда од страна на организацијата, и покрај фактот што германскиот Федерален суд ја класифицирал ПКК како терористичка организација,
Во освртот објавен во овој весник се наведува дека постерот на лидерот на терористичката организација, Оџалан, во сина кошула, е забранет доколку се наоѓа на жолта основа, но во бела кошула и во една од боите на областа е дозволено, при што критички се вели: „Ова не е федерализам, ова е бесмислено“.
Весникот „Badische Neueste Nachrichten“ (Бадише нојстен нахрихтен) го критикуваше ставот на германската Влада во врска со ПКК. „ПКК во Германија и во останатите европски земји може со закани да собира пари и да ги придвижи своите приврзаници. Со ваквото однесување, Европјаните го нарушуваат сопствениот кредибилитет“.
Во весникот „Straubinger Tagblatt“ (Штраубинер тагблат) објавен е напис во којшто се критикува замижувањето на Германија пред пропагандата што ја врши ПКК, истакнувајќи дека Курдите можат да организираат сопствен собир, но во текстот се истакнува дека германските власти замижале пред тоа што било организирано во име на ПКК, која е забранета во Германија.
И весникот „Nürnberger Nachrichten“ (Нирнбершки новости) упати критики поради неинтервенирањето на организираниот собир. „Доколку германските власти можат себеси да се постават во толку глупава ситуација, тогаш критиките за 'двоен стандард' не треба никого да го чудат. Од тоа нема да имаат корист ниту Германците притворени во Турција. Во ваква ситуација, не е убедливо ниту инсистирањето за почитување на законот“, се вели во написот.
- Германија треба да го направи потребното во врска со ФЕТО
Германските медиуми објавија написи во коишто се критикува ставот на Германија во врска со терористичката организација ФЕТО, истакнувајќи дека по ова прашање, Германија треба да се преиспита себеси.
Весникот „Frankfurter Allgemeine“ (Франкфуртер алгемајне) објавена е колумна во којашто членовите на ФЕТО се окарактеризирани како „насилни криминалци и 'антидемократски предавници'“.
Во текстот во којшто се критикува ставот на Германија кон лидерот на ФЕТО ,Фетула Ѓулен, кој е жител на САД, се вели:
„Доказите од безбедносните камери не покажуваат само дека срцето на обидот за државен удар врз Ердоган кој беше извршен вечерта меѓу 15 и 16 јули лежи во базата Акинџи, туку и фактот што во тоа се вмешани и Ѓуленистите. Тоа води кон едно друго прашање: во Турција беше изведен крвав обид за државен удар. Ниту Кал (Бруно, претседател на БНД - Федерална разузнавачка агенција на Германија) не може да го тврди обратното. Некои од извршителите на обидот за државен удар избегаа во странство. Може да се види дека некои од нив се во Германија. Доколку се докаже дека овие лица учествувале во обидот за државен удар, кој е во спротивност со Уставот - и ако размислиме дека тие се наоѓаат во Германија - тогаш ќе настане ситуација за којашто ќе треба да знаеме како да постапиме. Навистина, многу е чудно кога ќе си помислите дека овие насилни криминалци и антидемократски предавници кои од Турција дојдоа во нашата земја без да бидат казнети, продолжуваат безгрижно да живеат во Германија. Доколку тука не е изводливо да се изнајде правен пат за судски процес против овој тип на луѓе, тогаш барем Берлин треба да престане да тврди дека тие се невини“.
Весникот „Die Tageszeitung“ (Дневен весник) објави напис во којшто ја обвинува германската власт дека ги заштитува приврзаниците на ФЕТО. Во написот, барајќи владата уште еднаш да го преиспита својот став кон ФЕТО, се вели:
„Доколку претседателот на Сојузната разузнавачка агенција на Германија (БНД), Бруно Кал, во интервјуто што го даде за весникот „Spiegel“ (Шпигел), вели дека организацијата ФЕТО воопшто не е виновна и оваа заедница 'претставува цивилна формација што се собира поради верска и секуларна едукација', тогаш тоа е само чудно самооправдување од негова страна. Овој човек или ништо не знае, или намерно го штити движењето на Ѓулен. Особено оваа втора процена е веќе прифатена во турската јавност. За жал, федералната власт покажува дека прави сѐ што е во нејзина моќ за да ја поддржи пропагандата на заедницата на Ѓулен“.