Gamze Türkoğlu Oğuz
10 Јуни 2018•Ажурирај: 11 Јуни 2018
ЕСКУИНТЛА (АА) - Од вулканот Фуего во Гватемала започнаа да се излеваат лава и жешки карпести парчиња, јавува Anadolu Agency (AA).
Институтот за сеизмологија и вулканологија на Гватемала, соопшти дека излевањата составени од кал, вода и вулканска маса се хранат од дождовите и во потполност ги уништиле дрвјата, минувајќи низ долината.
Еди Санчез, претседателот на Институтот, изјави дека продолжуваат можните ризици од вулканот Фуего, иако дошло до намалување на неговата активност.
Лавата е причина за покачување на нивото на водата на реката Паналеон, поради што од подрачјето на Санта Лусија Коцумалгуапа се евакуирани 72 лица.
По експлозијата, вчера официјално е прекинато пребарувањето по исчезнатите, а Санчез рече дека во некои подрачја, меѓу кои и подрачјето на Сан Мигуел Лос Лотес, волонтерите продолжуваат со потрага по исчезнатите.
Повеќе од 4.000 лица во Гватемала живеат во засолништа по минатонеделната ерупција на вулканот.
Во природната катастрофа животот го загубија 110 лица, а околу 200 лица сѐ уште се водат за исчезнати. Во Гватемала е започната истрага поради непреземените превентивни мерки.
Официјалните државни претставници минатата недела наутро го забележале активирањето на вулканот, но не донеле одлука за евакуација на подрачјето.
Се смета дека од ерупцијата на вулканот се погодени 1,7 милиони луѓе.