Mustafa Keleş,Tayfun Coşkun
14 Февруари 2017•Ажурирај: 15 Февруари 2017
ЊУЈОРК (АА) - Нивото на водата и притисокот на ѕидовите на најголемата американска брана во Оровил, во сојузната држава Калифорнија е намалено во изминатите часови, но ризикот од пукање на ѕидот на браната и понатаму постои. Остана на сила одлуката на власта за евакуација на населението од подрачјата низводно од браната, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларијата на гувернерот на Калифорнија прогласи вонредна состојба во регионот и ги ангажираше надлежните служби да извршат поправки на оштетените ѕидови на браната, која поради полнењето вчера се закануваше со излевање, а поради тоа беше наредена евакуација на речиси 200.000 жители.
Гувернерот Џери Браун упати писмо до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, со барање и федералното ниво на власта да помогне доколку дојде до пукање на ѕидовите на браната и поплави во Оровил.
Шефот на локалната полиција, Кори Хони соопшти дека водостојот на браната е во опаѓање, но дека сѐ уште е присутен ризикот и дека е рано за враќање на евакуираното население во куќите.
Низводно од браната се наоѓа и затворот во округот Бјут, а во согласност со наредбата за евакуација, повеќе од 500 затвореници се префрлени во затвор во соседниот округ Аламида.
Репортерската екипа на АА од хеликоптер ја сними 230 метри високата брана и работата на службите коишто ги зајакнуваат нејзините ѕидови откако поради обилните врнежи во изминатите денови браната беше наполнета.
Жителот Мел Алварез за АА изјави дека комуналните служби се обидуваат од хеликоптер да спуштат големи врзопи со камења за да ја затворат пукнатината на ѕидот од браната.