Faruk Zorlu
28 Јуни 2019•Ажурирај: 29 Јуни 2019
ОСАКА (АА) - Со максимални мерки за безбедност, во јапонскиот пристаништен град Осака започна Самитот на лидерите на земјите од групата Г-20, јавува Anadolu Agency (AA).
Домаќинот на Самитот и премиер на Јапонија, Шинзо Абе, ги дочека лидерите на најразвиените 20 земји од светот и челниците на бројни меѓународни организации во саемскиот центар INTEXO.
Учесниците на Самитот позираа за заедничката фотографија, а потоа учествуваа на собирот „Дигитална економија“.
По собирот, одржана е и првата сесија на Самитот под наслов „Глобална економија, трговија и инвестиции“.
По завршувањето на сесијата, лидерите на земјите, на маргините на Самитот ќе одржат бројни билатерални и мултилатерални средби, а во попладневните часови на распоред е втората сесија под наслов „Иновации“.
Културната програма и свечената вечера се последниот настан во првиот ден од дводневиот Самит во Осака.
Утре лидерите на Г-20 ќе учествуваат на сесиите на кои ќе се зборува за положбата на жените во општеството и климатските промени.
На Самитот учествуваат повеќе од 30.000 лица, вклучувајќи и повеќе од 2.000 акредитирани новинари.
Со цел во текот на дводневниот Самит сè да помине во најдобар ред, јапонската полиција во Осака ги издигна на највисоко ниво мерките за безбедност. Покрај бројните лидери на светските економии, на Самитот се очекуваат околу 30.000 гости, а за безбедноста се задолжени 32.000 полициски службеници.
Како што јави репортерот на АА, поради одржувањето на Самитот, во најмалку 700 училишта во Осака прекината е наставата на два дена. Шкафчињата и местата за оставање отпад на железничките станици ќе бидат заторени наредните два дена.
Полицијата забрани користење дронови во период на одржувањето на Самитот, а службените нуркачи на јапонската полиција во текот на 24 часа ќе ја обезбедуваат и познатата „Осака тауер“, каде што ќе биде организиран и прием за гостите на Самитот.
Мерките за безбедност се применуваат и на аеродромот „Кансаи“ во Осака, а низ целиот град е можно да се видат железни бариери околу градските паркинзи.
Во текот на Самитот се очекува и организирање протести на активистите за заштита на човековите права, активистите за заштита на природната средина, како и на антивоените групи. Како што е најавено, полицијата очекува дека би можело да дојде и до собирање на група што ја предводат јапонските националисти, а кои бараат американските трупи да го напуштат островот Окинава.
Постои можност и протестите од Хонг Конг околу нацрт-законот за екстрадиција да бидат пренесени и во Осака.
Јапонските официјални лица ги предупредија граѓаните „колку што е можно, да се држат понастрана од центарот на градот“, и наместо приватните автомобили да го користат градскиот превоз. Исто така издадено е и предупредување дека е можно да дојде до доцнења во градскиот транспорт.
Земјите од Групата 20 претставуваат 85 % од светската економија, 75 % од светската трговија и опфаќаат 2/3 од светската популација.
Како земја претседавач со Групата 20, Јапонија подготви програма во која се нагласени следните теми: економски раст, квалитетна инфраструктура, борба против корупција, развој, вработување, дигитална економија, здравство и земјоделие. Во програмата на Г-20 за 2019 година вметнати се и темите „ефикасност на ресурсите“ и „пластичен отпад во морињата“.
Самитот Г-20 е форум на владите и централните банки на 20-те водечки економии во светот, кои ја вклучуваат Европската Унија и 19 земји - Аргентина, Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија, Јужна Кореја, Мексико, Русија, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Турција, Велика Британија и Соединетите Американски Држави.