Ekipa
01 Мај 2019•Ажурирај: 02 Мај 2019
ТОКИО (АА) - Престолонаследникот Нарухито (59) утринава е инаугуриран во нов јапонски цар откако неговиот татко Акихито вчера стана првиот цар кој абдцираше од тронот на монархијата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Нарухито на полноќ го презеде мечот и симболично стана нов цар на Јапонија. Тој е прв монарх кој студирал во странство и прв кој е роден по поразот на Јапонија во Втората светска војна.
Новиот јапонски монарх Нарухито во првото обраќање на нацијата изјави дека како и неговиот претходник, ќе биде посветен на изградба на мир, просперитет и благосостојба на нацијата.
„Искрено се молам и се залагам за среќата на луѓето, просперитетот на нацијата и мир во светот“, порача Нарухито.
На церемонијата на инаугурацијата на царот Нарухито присуствуваа само машки членови на царското семејство, односно неговиот брат, принцот Фумихито, и неговиот чичко, принцот Хитачи.
На церемонијата не присуствуваа сопругата на царот, царицата Масако, и 17-годишната принцеза Аико.
Инаугурацијата без жени укажа и на можната идна криза со оглед на тоа дека царското семејство во моментот има само два престолонаследници и ниту едно машко дете.
Ерата на владеењето на царот Акихито носеше назив „keisei“, што во превод значи постигнување мир, а ерата на неговиот наследник Нарухито е наречена „reiwa“, што значи убава хармонија.
Јапонците ја прославуваат инаугурацијата на новиот цар Нарухито, а многу парови за денес закажаа свадби за да ја започнат новата фаза на живот.
Довчерашниот цар Акихито и царицата Мичико добија статус на монарх емеритус, а како такви не се појавија на церемонијата на претставувањето на новиот цар Нарухито.
Царот Акихито на тронот на јапонската монархија беше од 1989 година, а како 55-годишен таа функција ја наследи по смртта на неговиот татко, царот Хирохито.
Палатата на јапонскиот цар за јавноста е отворена по новогодишните празници и за време на роденденот на царот. Царот на Јапонија претставува симбол на државата и единство на нацијата, а вистински овластувања во државата имаат политичките институции чии состави се бираат на избори.