Alaattin Doğru
19 Април 2021•Ажурирај: 20 Април 2021
ПАРИЗ (АА) – Министерката без ресор одговорна за државјанства во Франција, Марлен Шијапа, соопшти дека на национално ниво ќе се одржуваат средби под името „Генерално собрание за секуларизмот“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за француските медиуми, Шијапа истакна дека на состаноците ќе учествуваат интелектуалци, здруженија, синдикати, млади и свештени лица и ќе се разговара за францускиот секуларизам.
Истакнувајќи дека првиот од овие состаноци ќе се одржи на Националниот конзерваториум за уметности и занаети во Париз во вторник, Шијапа рече дека до летото, со интелектуалците, вклучително и со академиците, писателите и филозофите, ќе се одржуваат многу тркалезни маси и работилници на темите како што се слобода на изразување, истражувања, млади и интеграција.
Шијапа истакна дека со воспоставената онлајн платформа ќе се земат предвид мислењата на 50 илјади млади луѓе.
Посочувајќи дека целата оваа размена на идеи нуди можност да се обединат околу францускиот секуларизам, Шијапа рече: „Секуларизмот не е оружје за притисок врз религиите.“
- Синдикатите истакнаа дека нема де учествуваат -
Демократската федерација на трудот на Франција (CFDT), која е едно од здруженијата и синдикатите поканети од страна на Шијапа, соопшти дека нема да присуствува на средбите.
Националниот секретар на Демократската федерација на трудот, Фредерик Сев, преку Твитер соопшти дека нацрт-законот „Принципи што го зајакнуваат почитувањето на републиканските вредности“ веќе донел многу проблеми и дека секуларизмот не треба постојано да се наоѓа на дневен ред.
Генералниот секретар на синдикатот, Лорен Бергер, изјави дека како Демократска федерација на трудот ѝ кажале на министерката дека нема да учествуваат и дека нема да бидат дел од оваа иницијатива.
Орелиен Таше, пратеникот од Вал-д'Оаз, истакна дека иницијативата е лажен театар и побара да биде стопирана.