Ata Ufuk Şeker
19 Април 2021•Ажурирај: 23 Април 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) ќе обезбеди 53,7 милиони евра хуманитарна помош за Етиопија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Комисијата на ЕУ соопшти дека е обезбедена нова хуманитарна помош за земјата по конфликтите во регионот Тиграј.
Во соопштението се наведува дека 53,7 милиони евра ќе ѝ бидат дадени на Етиопија за итните потреби на заедниците раселена поради конфликтите и за климатските промени.
Потсетувајќи дека во Етиопија има околу 770.000 бегалци од други африкански земји, се истакнува дека ЕУ минатата година ѝ обезбедила 63 милиони евра на земјата.
Стотици луѓе ги загубија своите животи во судирите меѓу сепаратистите и безбедносните сили во регионот Тиграј во северна Етиопија и во судирите меѓу етничките групи Амхара и Оромо.
Обединетите нации (ОН) минатата недела соопштија дека многу луѓе починале од глад поради тековниот конфликт во регионот Тиграј.
Етиопија ги негираше тврдењата дека има починати од глад во провинцијата Тиграј, каде што продолжува воената операција против бунтовниците.
Забележително е дека насилството во земјата е зголемено пред општите избори, планирани да се одржат на 5 јуни.