Emre Aytekin
19 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
АНКАРА (АА) - Во Парламентот на Нов Зеланд читани се делови од Куранот за жртвите од терористичките напади изведени на 15 март во две џамии во градот Крајстчрч, пренесува Anadolu Agency (AA).
Државната телевизија на Нов Зеланд (TVNZ) објави вест во која наведува дека првата седница на Собранието по терористичкиот напад започна со читање на делови од Куранот.
Имамот Низам-ул Хак Танви од говорницата во Собранието ги читаше стиховите 153 до 156 од поглавјето Ел Бекара во Куранот. По ова читање, имамот Тахир Наваз, стиховите читани на арапски ги преведе на англиски. Прочитаните стихови се:
„Еј, вие што верувате! Побарајте помош со трпение и молитва. Без сомнение, Господ е покрај оние кои имаат трпение (153). И не велете за оние кои се убиени на Божјиот пат „Мртви се“. Не, тие се живи, но вие тоа не можете да го знаете (154). Ќе ве ставиме на искушение со малку страв и глад, со губење на вашиот имот, животи и посеви. А ти израдувај ги трпеливите (155). Оние, кои кога ќе ги снајде некаква неволја, само ќе кажат „Ние сме Господови и Нему ќе му се вратиме (156)“.
Во веста што го придружува видеото објавено на интернет од страна на новозеландската државна телевизија, се истакнува реченицата „Импресивната молитва на имамот одекна во Парламентот“.
Претседателот на Парламентот, Тревор Малард, рече „Денес во знак на единството и заедништвото, од една група побарав заедно со мене и верскиот лидер да влеземе во Парламентот. Денешното отворање, поради молитвата, ќе биде подолго од вообичаеното.“
- Премиерката Ардерн своето обраќање го започна со поздравот „Селам алејкум“ -
По отворањето на седницата, во име на Владата, прва збор зеде премиерката Ардерн, која своето обраќање го започна со зборовите „Селам алејкум“ („Божји мир да е со вас“).
Споменувајќи ги загинатите во терористичкиот напад, Ардерн рече „Тие беа Новозеланѓани. Бидејќи тие сме ние, нивната жалост ние ја оплакуваме.“
Ардерн им изрази сочувство на семејствата на починатите во нападот и продолжи со зборовите „Не постои начин да ја споделиме вашата болка во целост, но ќе бидеме со вас на секој чекор.“
Премиерката Ардерн им се заблагодари на храброста на оние кои се обиделе да го запрат терористот и на полицајците кои го привеле.
На 15 март во градот Крајстчрч на Јужниот Остров на Нов Зеланд, за време на петочната молитва, во интервал од 10 минути, изведени се два терористички напади во џамиите „Ел Нур“ и „Линвуд“, во кои животот го загубија 50 лица.