Alaattin Doğru
09 Декември 2020•Ажурирај: 10 Декември 2020
ПАРИЗ
Во Париз, главниот град на Франција, се одржаа протести поради официјалната посета на египетскиот претседател Абдулфетах ал-Сиси на земјата на 7 декември, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Толпата се собра пред зградата на Националното собрание во знак на протест поради пречекот на Сиси со црвени килими од страна на претседателот Емануел Макрон во Елисејската палата.
На протестот, на кој присуствуваа голем број претставници на меѓународни организации за човекови права, парламентарци на Европската Унија и пратеници од француската опозиција, беше наведено дека Макрон за да продава оружје го пречекал диктаторот Сиси, кој дојде на власт со пуч.
Претставниците на организациите за човекови права кои учествуваа на демонстрациите потсетија дека илјадници невини луѓе и новинари се наоѓаат во египетските затвори и ја повикаа меѓународната заедница да изврши притисок врз администрацијата на Сиси за ослободување на уапсените.
Демонстрирајќи поради пречекот со црвен килим на Сиси, кој го опишаа како „крвав диктатор“, демонстрантите ги обвинија француските медиуми дека молчат.
Магда Махфуз, од организациите за човекови права во Париз, по потекло од Египет, во изјавата за Агенција Анадолија (АА) наведе дека се собрале во знак на протест поради приемот на Сиси од страна на Макрон.
Изјавувајќи дека претседателот на Франција ги заборавил своите ветувања дека ќе се справи со кршењето на човековите права во Египет, Махфуз рече: „Ова е катастрофа. Илјадници деца, стари и млади лежат во египетските затвори и им се изрекуваат смртни казни. Посетите не се дозволени, немаат кревети за спиење, ниту пак, ќебиња.“
Францускиот претседател Макрон го пречека Сиси со црвени килими во Елисејската палата.
Меѓународната заедница и поборниците за човекови права реагираа на тоа дека Франција, која зборува за слободи, пречекала диктатор каков што е Сиси.