Ekip
09 Октомври 2021•Ажурирај: 10 Октомври 2021
БАГДАД
Ирак се наоѓа во предизборен молк пред утрешните парламентарни избори на кои право на глас имаат 24 милиони гласачи, известува Агенција Анадолија (АА).
Во изборната трка за новиот состав на ирачкиот Парламент, кој бори 329 места, ќе се борат 3.249 кандидати на 21 коалиција и 109 политички партии.
Изборната комисија на Ирак соопшти дека право на глас на претстојните избори имаат 24 милиони Ирачани од вкупно 40 милиони жители на таа земја.
Гласањето ќе го надгледуваат околу 1.800 странски набљудувачи. Изборниот процес е организиран со засилени безбедносни мерки.
Ирачките безбедносни сили, Ирачаните во дијаспората и затворениците гласаа вчера на изборите кои првично беа планирани да се одржат во 2022 година, но распишани се порано, откако дојде до масовни антивладини демонстрации во 2019 година поради длабоко вкоренетата корупција и лошите јавни услуги.
Утрешните избори се петти од 2003 година и американската инвазија во која од власта беше соборен поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин.