Haydar Hadi
12 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
БАГДАД (АА) - Шефот на парламентарната Комисија за одбрана и безбедност на Ирак, Хаким Замил, изјави дека ирачките безбедносни сили од 2014 година досега убиле речиси 28.000 членови на терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Укажувајќи на големиот успех на ирачката армија која го ослободи Мосул, Замил рече дека на овој начин мора да се ослободат и регионите Телафер и Хавије кои сѐ уште се под контрола на терористите.
„Ослободувањето на пограничната зона и воспоставувањето контрола на границата со Сирија ќе биде клучна за конечниот и дефинитивен пораз на ДЕАШ во регионот“, изјави шефот на ресорната парламентарна комисија на Ирак.
Ирачкиот премиер Хајдер ал-Абади пред два дена прогласи победа над терористите на ДЕАШ во Мосул.
Терористите на ДЕАШ во јуни 2014 година го окупираа Мосул, а лидерот на групата Ебу Бекр ал-Багдади во неодамна урнатата џамија во центарот на Мосул прогласи воспоставување на т.н. калифат на ДЕАШ.
По тримесечни операции, ирачките сили со поддршка на меѓународната коалиција, во јануари оваа година го ослободија источниот дел на Мосул, на 19 февруари започнаа операциите за ослободување на центарот на градот кој се наоѓа на западниот брег на реката Тигар.