Salih Baran
12 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
ЕДРЕНЕ (АА) - Се тврди дека Грција го прекршува меѓународниот договор и некои од бегалците ги депортира во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Враќањето на бегалците, кое се нарекува и „туркање назад“, во последно време многу често се применува од страна на Грција.
Тројца бегалци, од кои едниот претепан, биле фатени како по илегални патишта влегуваат во Грција, а потоа се оставени на турската страна од реката Марица.
Алжирецот Амар Матаи, во инвалидска количка, со нозете во гипс и модрици по телото, е еден од бегалците кој раскажа дека пред 10 месеци преминал на островот Хиос. Претходно бил сместен во бегалскиот камп во градот Ксанти, од каде што преминал во кампот во Драма.
Подоцна, како што тврди Матаи, спротивно на законите, бил претепан и вратен во Турција. „Бев приведен и испратен во една полициска станица во притвор. Од тука под изговор 'си одиш', ме извлекоа од притворот. Кога излегов од полициската станица, едно возило ми го пресече патот. Неколку лица во полициска униформа, со влечки на нозете, на сила ме втурнаа во возилото. Ме тепаа, ми ја зедоа облеката и парите, и на полноќ, со чамец ме оставија среде река. Утрото ми помогнаа турските војници и ме префрлија во болница. Доколку не ме пронајдеа турските војници, ќе умрев“, раскажува бегалецот Матаи.
Алжирецот Валид Зорари и Мароканецот Халис Ахмед тврдат дека Грците присилно ги вратиле во Турција.
Безбедносните извори истакнуваат дека начинот на депортација, или „push back“ (туркање назад), кој го применува Грција, е во спротивност со меѓународниот договор.