Ömer Aydın
12 Јули 2017•Ажурирај: 12 Јули 2017
ГРАН-СИНТ (AA) - Дејмиен Кареме, градоначалник на општина Гран-Синт, во северниот дел на Франција, преку социјалните мрежи упати апел до францускиот претседател Емануел Макрон за интервенција во однос на нехуманите услови на коишто се изложени децата бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Кареме претходно објави отворено писмо до претседателот Макрон, во коешто зборува за лошата состојба на бегалците во регионот, а пак сега преку „Twiter“ (Твитер) апелираше со фотографија на којашто се прикажува како децата во една шума спијат на земја.
„Ова е фотографија од едно дете бегалец во мојот град. Нечовечно. Не можам да го прифатам тоа“, напиша Кареме под фотографијата на којашто е прикажано дете што лежи на парчиња картон и најлон.
Исто така, на друга фотографија на којашто се прикажува дете како спие во исти услови, тој напиша: „Се работи за апсолутна итност. Не можете да останете рамнодушни“.
Градоначалникот Кареме со своите објави предизвикува големи реакции на социјалните мрежи. Тој исто така под една фотографија од дете бегалец напиша: „Пoследна фотографија за да преземете акција, човештво, достоинство, сега во Франција“.
Првиот бегалски камп во Франција со меѓународни стандарди беше изграден во 2016 година, од страна на Лекари без граници и општина Гран-Синт, но тој беше изгорен минатиот април.
Поранешниот министер за внатрешни работи, Бруно ле Ру, во една изјава за време на функцијата како министер соопшти дека во најкратко време ќе биде расчистен кампот во Гран-Синт во кој живеат 1.500 бегалци.
Кареме вели дека е изненаден од изјавата на Ле Ру. „Тука живеат 1.500 бегалци бидејќи нема место во прифатните центри за бегалци. Ние тука играме значајна улога, не можам да разберам како ќе го спречат тоа“, пренесе Кареме.