Ekipa
12 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
БЕРЛИН (АА) - Најмалку две лица се уапсени утрово во Берлин, под сомневање дека претходно оваа година, од градскиот музеј украле златна монета тешка 100 килограми, јавува Anadolu Agency (AA).
Припадниците на специјалната полициска единица во Германија извршија рација во неколку куќи во Берлин, во потрага по златник од 100 килограми, чија вредност се проценува на неколку милиони долари.
„Претпоставуваме дека осомничените се совпаѓаат со оние што ги видовме на снимките од надзорните камери во текот на кражбата“, изјави портпаролот на германската полиција, Вингфрид Вензел.
Тој истакна дека акцијата на претреси е во тек и оти златникот сè уште не е пронајден.
Златникот „Голем јаворов лист“, како што е неговото официјално име, има вредност од неколку милиони евра, а бил украден во март оваа година, од берлинскиот музеј „Боде“.
Кражбата се случила во раните утрински часови, кога најмалку две лица влегле во музејот преку прозорец, користејќи скала.
Златникот е искован на 3 мај 2003 година, во Кралската канадска ковачница, а во нумизматичката збирка на Музејот „Боде“ се наоѓа од декември 2010 година.
Поради дијаметарот од 53 и дебелина од три сантиметри, златникот од висококвалитетно злато влезе во Гинисовата книга на рекордите.