Mohammad Sıo
23 Септември 2024•Ажурирај: 24 Септември 2024
ГРАД ГАЗА (АА) - Осум Палестинци, меѓу кои две жени и пет деца, се убиени денес во израелските воздушни напади врз училиште во кое се засолнети раселени цивили и врз дом во централниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Мајка и нејзините четири деца се убиени, а повеќемина се повредени во израелскиот воздушен напад чија цел беше домот на семејството Ал-Самак во градот Деир ал-Балах, се вели во соопштението на Цивилната одбрана на Газа.
Во одвоено соопштение, Цивилната одбрана додаде дека во израелскиот воздушен напад врз училиштето „Халид Бин ел-Валид“ во бегалскиот камп Ал-Нусејрат бил убиен еден маж, неговата сопруга и нивната ќерка, а повеќемина се повредени.
Од 7 октомври, израелските сили бомбардираа 183 центри за раселени лица и засолништа низ Појасот Газа, соопшти Канцеларијата за медиуми на Газа.
Палестинците се соочуваат со постојано раселување бидејќи израелската војска им наредува на жителите од различни области да се евакуираат пред воздушните напади и копнените упади.
Според Канцеларијата за медиуми, бројот на раселени лица во Појасот Газа од почетокот на војната достигна 2 милиони, од вкупното население од 2,3 милиони Палестинци.
Израел продолжува со бруталната офанзива врз Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври минатата година, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на ОН која повикува на итен прекин на огнот.
Оттогаш над 41.400 лица, претежно жени и деца, се убиени, а повеќе од 95.800 се повредени, според локалните здравствени власти.
Израелскиот напад го принуди на раселување речиси целото население на територијата, и наметна блокада што доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Израел се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради неговите акции во Газа.