Bayram Altuğ
18 Ноември 2016•Ажурирај: 19 Ноември 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Меѓународната организација за миграции (ИОМ) информираше дека во последните 3 дена во Средоземното Море животот го загубиле 365 бегалци.
Портпаролот на ИОМ, Леонард Дојл, на прес-конференцијата што се одржа во канцеларијата на ОН во Женева, изјави дека досега, во 2016 година животот го загубиле 3.621 бегалец. „Ова е катастрофа во вистинска смисла на зборот“, рече тој.
Минатата година вкупниот број на бегалци што ги загубија животите во водите на Средоземното Море, обидувајќи се да пристигнат во Европа, изнесуваше 3.777, потсети Дојл, и додаде дека во последните 3 дена, во 6 одделни несреќи, животот го загубија 365 бегалци.
Дојл истакна дека во ноември, споредено со истиот период минатата година, има поголем број загинати бегалци и додаде дека последните смртни настани се последица на лошите временски услови и суровите морски услови.
Дојл истакна дека во 2016 година, во Европа по морски пат пристигнале 343.589 бегалци, од кои најголем дел во Грција и Италија. Од нив, 170.679 бегалци пристигнале во Грција, а 167.276 влегле во Италија.
Портпаролот Дојл соопшти дека од 1 ноември 2015 година, досега во Европа пристигнале 728.976 бегалци, и посочи на растот на смртноста оваа година.