Eşref Musa,Burak Karacaoğlu,Levent Tok
16 Август 2019•Ажурирај: 19 Август 2019
ИДЛИБ (АА) – За време на Курбан бајрам 124 илјади цивили се раселија во камповите на границата на Сирија со Турција, како резултат на нападите од режимот на Башар ал Асад и Русија во јужниот дел на Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Мухамед Халак, директор на Агенцијата за интервенција на Сирија, во изјавата за АА рече дека режимот на Асад и неговиот поддржувач, Русија, стигнале до областа Хан Шејхун, јужно од Идлиб, и дека за време на Курбан бајрам се раселиле 124.000 цивили.
Халак истакна дека голем број од цивилите од вкупно 19.231 семејство се сместиле во камповите „Атме“, „Каху“, „Деир Хасан“ и „Кефер Лусино“, кои се наоѓаат на сириска територија.
Наведувајќи дека еден дел од цивилите од тие кампови се упатиле во регионите од „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, Халак рече дека покрај нападите што продолжија за време на Бајрам, причината за миграциското движење е и опасноста Хан Шејхун и околината да бидат земени под опсада.
- Највеќе иселувања од областа Хан Шејхун
Според Халак, најмногу иселувања има од Општината Хан Шејхун, односно оттаму се иселиле 22.000 цивили, а потоа следуваат: околу 18.000 од населбите во источниот дел на регионот, околу 32.000 од селата Ебу Меке и Ум Џелал и околината, од областа Кефренбил и околината 15.000, од областа Тух и околината околу 7.000, од областите Латамине, Кефер Зита во Хама и селото Сајад околу 7.000, и од областа Кеферума 13.000 и од областа Маратинуман морале да се иселат околу 10.000 цивили.
Истакнувајќи дека областите каде што се иселуваат се составени од земјоделско земјиште и привремени кампови, Халак рече: „За раселените треба да се отворат центри за масовно домување, училишта, џамии и кампови“.
Халак, исто така, рече дека доколку нападите се прошират во окрузите Серакиб и Маратинуман, бројот на раселени лица би можел да достигне до 1 милион.
- Последната ситуација во деескалационата зона во Идлиб
Областа Идлиб, северозападно од Сирија, од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на опозицијата.
Во моментов, популацијата на Идлиб, со внатрешната миграција достигнува 4 милиони луѓе. Од март 2015 е под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
Турција, Русија и Иран, на состанокот одржан во Астана на 4-5 мај 2017 година, ги прогласија Идлиб и околината за зона без судири. Турција и Русија, како резултат на кршењето на Договорот за прекин на огнот од страна на режимските сили, постигнаа дополнителен договор за таа област.
Режимот, со помош на поддржувачите, и покрај Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година, продолжува со нападите.
Нападите се интензивираа за време на 12-тиот состанок меѓу Турција, Русија и Иран, одржан на 25-26 април во Нур Султан, главниот град на Казахстан. Последните две недели продолжуваат со ист интензитет.
Силите на режимот на Асад со поддршка од Русија продолжија да напредуваат јужно од Идлиб за време на Курбан бајрам и се доближија до областа Хан Шејхун. Според опозициските воени извори, режимот сака да создаде нова област под опсада во регионот, вклучувајќи го и Хан Шејхун.