Hacer Başer
19 Јануари 2020•Ажурирај: 20 Јануари 2020
ЈЕМЕН (AA) - Најмалку 70 лица се убиени во воздушен напад кој шиитските бунтовници Хуси го изведоа врз воен камп на силите лојални на меѓународно признаената Влада на Јемен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нападот се случи врз воениот камп во градот Мариб, а според првичните информации, во нападот се убиени најмалку 70, а ранети се десетици лица.
Неименуван воен извор за АА рече дека нападот е изведен со беспилотно летало, дека повеќето настрадани се војници и оти се стравува дека бројот на смртно настраданите би можел да расте.
Претседателот на Јемен, Абдурабу Масур Хади, изјави дека цел на нападите бил месџидот во рамките на воениот камп и дека тоа е показател колку проиранските милитанти не сакаат воспоставување мир во Јемен.
Нападот се случи по жестоките судири кои вчера се водени во источниот дел на Сана во кои се убиени најмалку 23 припадници на движењето Хуси и тројца војници лојални на Владата на Хади.
Јемен е упориште на судири и насилство од 2014 година, кога проиранското бунтовничко движење Хуси ја презеде контролата во поголемиот дел од земјата, вклучувајќи го главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше една година подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници почнаа да изведуваат воздушни напади против Хусите во Јемен, поддржувајќи ја просаудиската власт.
Повеќе од 70.000 лица загинаа од 2016 година, проценуваат Обединетите нации, а 14 милиони се соочуваат со екстремен глад.